Стоматолошкиот факултет – Скопје при УКИМ на вкупно 300 социјално ранливи граѓани (150 мажи и 150 жени) ќе им овозможи бесплатни услуги – лекување и екстракција (вадење) на заби, дентални реставрации, ендодонтски третман, протетичка рехабилитација и флуор профилакса.
Пациентите најпрво ќе бидат индивидуално, темелно прегледани, а потоа ќе добијат и соодветни термини – кога точно да појдат на Клиниката за да им бидат изведени потребните зафати. Се работи за проект на Стоматолошкиот факултет што ќе се реализира со поддршка на Град Скопје.
Целта е санирање и постигнување оптимално орално здравје кај лицата од ранливите категории, подобрување на системското (општо) здравје, како и превенција, мотивација и едукација за правилна орална хигиена. Јавниот повик треба да биде објавен во август, но претходно ќе биде организирана негова промоција во сите скопски општини.