Американската компанија Apple ги ограничи плановите за нови вработувања и потрошувачка, со аргумент дека „Силиконската долина е загрижена за рецесијата во наредните месеци“, пренесува порталот biznis.rs, повикувајќи се на агенцијата Блумберг.
Производителот на iPhone се обидува да го ограничи трошењето и растот на работните места во некои од неговите сектори, следејќи го пристапот на своите технолошки колеги, вклучувајќи ги Amazon, Alphabet и Microsoft, кои презедоа чекори за ограничување на трошењето и вработувањето.
Веста предизвика пад на вредноста на акциите на компанијата и зголемена вознемиреност за сезоната на технолошка заработка, која оваа недела влегува во полн ек. Компаниите веројатно ќе се соочат со голем предизвик поради нервозните инвеститори. IBM, сепак, забележа подобар раст на продажба од очекуваниот, според Блумберг.
Бројот на вработени во „Епл“ континуирано расте во изминатата деценија, а за сега повеќето од најголемите технолошки компании не зборуваат за кратење на работните места, туку само за намалување на стапката на вработеност.
Вкупниот раст на нови работни места во САД не запира, во јуни бројот на нововработени од 372.000 ја надмина проценката од 265.000, а само во IT секторот беа ангажирани 25.000 работници.
Меѓу технолошките компании кои одлучија да укинат одредени работни места се и „Мајкрософт“, кој како дел од „реорганизацијата“ елиминираше некои позиции за еден процент наспроти вкупно 180.000 вработени.