Од денеска државата е зафатена со високи температури од портокалова фаза. Поради тоа, надлежните донесоа препораки за ослободување од работа на бремените жени и хронично болните лица.
Портокаловата фаза ќе биде во сите региони на земјава, а препораките кои ги даде Министерството за да се заштитат граѓаните од топлотниот бран се:
- Ослободување од работните обврски на најранливите групи население, како што се – бремените жени и хронично болни лица;
- Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот;
- Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да укажат помош на постари, изнемоштени лица и бездомници.
- Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик врз здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
Покрај овие препораки здравствените власти потсетуваат дека во екстремно топлите денови во летниот период потребно е да се поминува повеќе време во затворени и климатизирани простории, а ако мора да се излегува надвор да се прават одмори под сенка.
Граѓаните треба да носат светла и лесна облека, а на директна изложеност на сонце да носат очила и капа, додека при сончање да се мачкаат крем со висок заштитен фактор.
Во однос на исхраната, пак, се препорачува да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку мрсна храна. Исто така, треба да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци.
„Поради високите температури и зголемената можност за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува: задолжително миење на свеж зеленчук и овошје пред нивната употреба; термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу краток рок по подготовката, како и избегнување термички необработени производи“,
велат од МЗ.
Кога се користи автомобил, пред да се влезе во возилото, нагласуваат здравствените власти, потребно е одреден период за да се проветри.
Од Министерството за труд и социјална работа побараа од работодавците и вработените во градинките да ги почитуваат мерките препорачани од здравствените власти, а од Државниот инспекторат на труд побараа зачестени и зголемени контроли.