Административен апсурд, при што две институции бараат од граѓаните да ја докажат автентичноста на документите, нешто што би можеле сами да го направат доколку би биле поврзани на заеднички електронски систем. Но, ова е само “врв” на проблемот, истиот е подлабок, вината се префрла од еден на друг и ова се плаќа со времето, трудот и од џебот на граѓанинот, пишува Порталб.мк.
Градот Скопје, исто како и сите општини во Северна Македонија, не е поврзан преку електронскиот систем со Агенцијата за катастар на недвижности, орган на централната власт под чија надлежност се голем број служби поврзани со имотно-правни прашања. Меѓусебното поврзување на општините со оваа Агенција преку системот за интероперабилност би го олеснил издавањето одредени документи на граѓаните.
Порталб.мк покажа како меѓусебното неповрзување на овие институции ги изложува граѓаните на бесмислени административни процедури, а и на финансиски трошоци. Така, наместо институциите сами да ги собираат податоците и документите преку електронски системи, тие ги обврзуваат граѓаните да одат од врата до врата за да извадат секакви „потврди“ и „уверенија“.
Граѓаните се принудени да вадат нов имотен лист, не постар од шест месеци, само поради тоа што Град Скопје нема пристап до системот на Катастар за да види дали има промена во имотниот лист во изминатиот период. Освен време и труд, граѓаните за нов имотен лист кој го вадат кај нотар плаќаат и по 200 денари.
Издавањето на овој документ се врши во барака 16 во Секторот за категоризација, нумерација и именување на инфраструктурни објекти и трае од 2 до 5 работни дена. Меѓу потребните документи, граѓанинот мора да плати таксена марка од 50 денари, а имотниот лист не смее да биде постар од шест месеци (негово издавање чини 200 денари). Значи вкупниот трошок е 250 денари [доколку имотниот лист е постар од шест месеци].
Ваквите апсурдни ситуации се само „врв“ на проблемот. Зад овие „уверенија“ и „потврди“ стојат институции кои не се меѓусебно поврзани преку електронски системи, како што имаат напредните земји.
извор: meta.mk