Во Хрватска вечерва ќе биде пуштен во сообраќај Пељешки мост, најголемиот инфраструктурен проект во земјата, со кој југот на Хрватска ќе се поврзе со останатиот дел од земјата.
Првиот автомобил кој ќе го помине мостот околу 22 часот ќе биде Римац Невера, најмоќниот електричен автомобил на денешницата, кој беше произведен од компанијата Римац Автомобили, а на мостот ќе се сретне со автомобилот на трикратниот европски шампион Нико Пулиќ.
Пељешкиот мост, чијашто челично-бетонска конструкција под и над водата заедно тежи дури колку 30 Ајфелови кули, е најголемиот хрватски инфраструктурен проект финансиран од фондовите на ЕУ со грант од 357 милиони евра (85 отсто од трошоците), на којшто во изминативе 10 години работеа неколку влади.
Историскиот настан се одбележува во текот на целиот ден, а програмата се одвива од двете страни на мостот, на одморалиштата кај Бријест и Комарно, пренесуваат медиумите во Хрватска и во регионот.
Кинеската државна компанија „China Road and Bridge Corporation“ Мостот го изгради мостот, кој е интегрална хибридна конструкција со 13 распони, од кои пет се главни (централни) распони долги 285 метри, шест централно поставени армирано-бетонски столбови високи 33 метри и две ленти, заедно со постојка којашто ќе се користи за одржување на мостот.
Мостот преминува преку морски теснец широк 2.140 метри, долг е 2.404 метри, со навигациски профил под мостот од 200 на 55 метри, а негов главен и одговорен проектант е Марјан Пипенбахер.
Вкупната вредност на проектот, како што објавија хрватските медиуми, се проценува на 420,3 милиони евра за изградба на мост, пристапни патишта и обиколница кај Стон.