За производите на Улкер веруваме сте слушнале, но сигурно не ги знаете деталите за почетоците на оваа турска компанија чие седиште е во Истанбул. Веднаш на старт да ви кажеме дека Улкер, името на компанијата е всушност презимето на основачот Сабри Улкер. И веројатно ќе се изненадите дека во Турција дури 95% од компаниите се всушност семејни бизниси, а на светско ниво дури 85 % од компаниите се на едно семејство
Приказната на Улкер започнува со производство на бисквити во 1944 година во малата фабрика на Улкер со шест вработени. „Тато донеси ми бисквити вечерва“ е познатиот слоган на Сабри Улкер, основачот на малата слаткарница, кој до неговата смрт во 2012 година тврдел дека маркетингот е клучот за секој бизнис.
Денес Мурат Улкер (63) синот на основачот е најбогатиот човек во Труција. Милијардер, исклучителен пример на гордиот наследник на империјата Улкер и неговиот татко Сабри Улкер, почитуван индустријалец и пионер во производството слатки во Турција.
Како наследник на компанијата од својот татко, Мурат, честопати е прашуван од деловни луѓе и медиуми да сподели за неговите искуства и размислувања за семејниот бизнис. Што е клучот за опстанок, како може еден ваков бизнис да напредува и по што се разликува од другите
„Во почетокот на 2000-тите прочитав две книги од кои научив се за семејниот бизнис. Едната е Семеен бизнис (2004), а другата Семеен бизнис како парадокс (2010). Оттогаш немам сретнато подобра содржина на книги. Овие книги ме научија на разликата помеѓу семејните компании и другите компании и она што прави семеен бизнис успешен“ - Изјавил Мурат во едно интервју и додал:
„Многу е важно во семејниот бизнис да се знае главниот фокус на семејството, а тоа е хармонијата. На тоа треба постојано да се работи. Секој член мора да има јасно дефинирана улога, границите мора да бидат прецизно поставени, како и хиерархијата на управување. Звучи како утопија, знам, затоа што членовите на семејството што се во бизнис мора да имаат квалитети, број на наследници и членови и заработка што ќе ги задоволи сите. Тоа е навистина ретко“, заклучил Мурат Улкер.
А еве како одговорлил на прашањето - Како да се постигне семеен успех?
Јасната визија и долгорочни цели само можат да доведат до долг животен век на семејниот бизнис, што е можно само доколку членовите на семејството се задоволни финансиски и во секоја друга смисла. Емоциите се исто така клучен концепт тука, кои можат да доведат до падот на успехот на компанијата.
„Семејствата мора да чувствуваат силна врска со компанијата. Тие мора да размислуваат дека ова претставува лична жртва на мојот дедо или прадедо за нас и нивните наследници, за да имаме подобар живот денес. Доколку нема таква емотивна врска со компанијата, наследниците лесно ќе ги продадат своите акции“, додаде Мурат Улкер.
За да може семејниот бизнис да живее со години и генерации, оние што одлучуваат сега мора да предвидат што ќе се случи со генерациите што доаѓаат.
„Непланираната транзиција е премногу ризична. Исклучително е важно однапред да се подготви и координира план како следната генерација ќе ја преземе работата. Сето ова мора јасно и прецизно да се претстави“, изјави Мурат Улкер, најбогатиот човек во Турција.
Пред две години, Мурат Улкер се повлече од функцијата извршен директор на компанијата, најголемиот семеен бизнис во Турција, а пред шест години, под негово водство, било договорено формирање на глобалниот бизнис Пладис. Пладис е британска компанија за слатки која ги вклучува Ulker, United Biscuits, Godiva и DeMet’s Candy Company кои се со седиште во Лондон.
Денес, Пладис има 34 фабрики во 13 земји. Слатки, грицки, супи, кечап и други прехранбени производи од овие фабрики може да се најдат во 120 земји во светот.