Во Германија никогаш немало помалку млади луѓе на возраст од 15 до 24 години.
Tие сочинуваа само десет проценти од населението во Германија на крајот на минатата година, најмалку во последните 70 години. Денес, меѓу германските покраини има доста големи разлики во однос на бројот на млади луѓе на возраст од 15 до 24 години.
Најбројни се во Бремен, 11 отсто, а најмалку се во Бранденбург, осум отсто. Во источногерманските покраини Саксонија-Анхалт и Мекленбург-Западна Померанија нивното учество од 8,3 отсто е значително под просекот, додека покраините Баден-Виртемберг, Северна Рајна-Вестфалија и Долна Саксонија сè уште се над просекот со по 10,6 отсто. Од 1950 година, кога почнало да се води евиденција, најголем процент на млади на возраст од 15 до 24 години имало во 1983 година, кога тие сочинувале 16,7 отсто од населението, пишува денеска Дојче веле.
Процентот на постара популација продолжува да се зголемува низ целиот свет, а Европа е еден од континентите со најстара популација.
Германија е земја што најмногу придонесува во процентот на старо население во Европа со 17,78 милиони, потоа следуваат Италија со 13,76 милиони, Франција со 13,16 и Англија со 12,24 милиони.