Државниот завод за статистика го објави четвртиот сет на податоци од Пописот 2021 кој се однесува на домаќинствата и становите.
Секој трет стан во земјава е ненаселен, покажува последната група на податоци кои ги објави Државниот завод за статистика. Од вкупно 839 174 станови во земјата, дури 307 187 се празни. Или, во проценти, никој не живее во 36,67% од становите. Во телефонски разговор за „360 степени“, од ДЗС ни објаснија дека под „стан“ се подразбираат сите одвоени живеалишта. Тоа значи дека како посебен стан се водат викенд-куќите, но како посебен стан се води и спрат од куќа кој има независен пристап од приземјето.
На микро ниво, процентот на празни станови варира од 72,3% до 20,5%.
Сепак, мора да се земе предвид дека големиот број на празни станови во овие општини не мора да значи и дека толку домаќинства си заминале. Голем дел од овие локални самоуправи се рурални и на својата територија имаат или викенд населби или одамна раселени села.
Во следниот графикон, се прикажани само поголемите градови. Во врвот, според процентот на ненаселени станови, тука се Охрид и Струга, што е разбирливо бидејќи и во двата града има многу викенд-станови. Но, во некои градови, видливо е дека куќите се празни од други причини – губење на население или инвестирање во недвижности. Така, освен Охрид и Струга, меѓу градовите во кои барем една третина од становите се празни влегуваат и: Кичево, Гостивар, Кочани, Битола, Струмица, Радовиш и Прилеп.
Градот Скопје, како што покажуваат податоците од Државниот завод за статистика, има помалку празни станови во споредба со најголемиот број на градови во земјата, но далеку од тоа дека сѐ е населено. Во главниот град, ненаселени се 27,7% од становите. Но и тука, состојбата варира од општина до општина.
Убедливо најмногу празни станови има во општината во која најмногу се гради. Во Центар, празни се 40,1% од становите или од 27 065 станови, ненаселени се 10 865. Втор на листата е Карпош, уште една општина каде постојано се градат нови згради, со 31,3% ненаселени станови. Кисела вода е на трето место, со 28% ненаселени станови, а меѓу преостанатите општини речиси и да нема разлика.
извор: 360stepeni.mk