Храната станува сè поскапа, а со менување на секојдневните навики можете да го намалите отпадот на минимум.
Користете ги овие совети за да потрошите помалку пари и повеќе да ја користите купената храна.
Планирајте го пазарењето однапред
Купувајте еднаш неделно и планирајте ги оброците за цела недела. Проверете ја храната во фрижидерот и на полиците, дури потоа направете список со преостанатите потребни намирници. Понесете го списокот со себе и не купувајте кога сте гладни бидејќи тогаш ќе купите повеќе отколку што ви треба. Купувајте овошје и зеленчук кои не се претходно пакувани за да можете да купите онолку колку што ви треба.
Проверете ги датумите на пакувањата
Доколку немате намера веднаш да јадете одредени намирници со краток рок на траење, побарајте ги оние со подолг рок на траење или едноставно купете ги кога ви требаат. Обрнете внимание на значењето на датумите на етикетите: „користете до“ значи дека храната (на пр. месо или риба) е безбедна за јадење до наведениот датум, додека „најдобро пред“ значи датум до кој производот го задржува очекуваниот квалитет. Прехранбените производи се безбедни за употреба дури и по датумот наведен на етикетата „најдобро пред“.
Бидете свесни за сопствениот буџет
Неделното планирање ви дава простор да ги пресметате сопствените можности, а трошењето храна е исто така трошење пари. Грижете се за вашиот неделен буџет и храна што можеби ја имате прекумерно.
Одржувајте го фрижидерот и температурата
Проверете дали вашиот фрижидер работи правилно и дека нема таложено мраз што може да го попречи неговото работење. Одржувајте ја температурата до 5 Целзиусови степени, тоа е идеална температура за чување храна.
Проверете го начинот на чување
На пакувањето на храната секогаш се означува идеалниот начин за нејзино складирање и чување. Следете ги упатствата за да ја одржувате храната свежа најдолго.
Ротирајте ја храната во фрижидерот
Кога купувате нови намирници, ставете ги зад старата храна во фрижидер за да не бидат заборавени и мувлосани оние што веќе биле во него.
Послужете помали количини
Намалете ги порциите за да не остане храна, со разбирање дека секој може да земе дополнителна порција ако сака.
Користете ги остатоците
Наместо да ги фрлате остатоците во ѓубре, искористете ги за ручек или вечера следниот ден или замрзнете ги. Омекнатото овошје може да се користи за правење овошни сокови или пити, а помалку свежиот зеленчук за подготовка на супа.
Замрзнувајте храна
Доколку ви е доволна помала количина леб, остатокот замрзнете го и извадете ја потребната количина неколку часа пред оброкот. Исто така, замрзнете го вишокот варена храна и на тој начин обезбедете готов оброк во деновите кога сте премногу уморни за готвење.
извор: kajgana.com