Крадците не мируваат ниту ова лето – според статистиката до која дојде Канал 5, само за изминатите два месеци пријавени биле дури 233 обивања, од кои најголемиот дел се скопски домаќинства
Рекордот сепак бил направен во три кражби, каде според податоците од МВР била направена вкупна штета од над 760 илјади евра, односно биле украден сеф, 37 часовници, брендирани торби и златен накит - јавува Канал5.
Според полицијата, главна мета на крадците се пари и злато, а доколку тоа не се најде, тогаш се преминува на дигитална опрема, бела техника и сите останати работи кои можат да се продадат на црниот пазар. Од таму уверуваат дека работат на расчистување на сите пријави.
По преземени мерки и активности, расветлени се околу 16 проценти од вкупниот број на пријавени настани, при што кривично се пријавени 37 сторители. Во однос на останатите случаи се преземаат мерки и активности за нивно расчистување.
Од полицијата додаваат дека крадците постојано смислуваат нови начини како да влезат во нечиј дом, а за да ја остварат својата намера, најпрво внимателно прибираат информации за сопствениците. Според поранешниот началник во МВР – Љубомир Ѓурчески на процесот е дополнително олеснет благодарение на социјалните мрежи, на кои може многу лесно да следи кога граѓаните не се дома.
Секогаш значи, со години наназад, особено тешките кражби во станови секогаш биле во зголемување бидејќи и самите граѓани имаат еден степен на негрижа, користејќи ги социјалните мрежи често пати ги информираат криминалците дека не се дома, нели ние сме на одмор, што ние како луѓе од безбедноста и кои долго сме работеле во полиција тоа не го препорачуваме и секогаш превентивно советуваме дека не треба да се даваат никакви известувања дека станот е празен.
извор: kanal5.com.mk