Печалбарите дојдени во тетовско го зголемија прометот во трговско – угостителските објекти. Економијата вообичаено раздвижена, но само кога иселениците се дојдени во летниот период и за време на новогодишните празници. Ретко кој од нив одлучува да инвестира тука. Велат дека немаат сигурност и голема недоверба кон институциите...
Секое второ возило во полошко со странска регистарска табличка. Трговските и угостителските објекти кои поради кризата дел од нив беа и затворени, сега со доаѓањето на печалбарите, работаат седум дена во неделата - објавува mrt.com.mk.
Економистите истакнуваат дека во зависност од годината, приливот на пари од печалбарите се движи од 500 милиони до 1,5 милијарда евра. Со прометот кои го прават додека се дојдени дома, се покрива голем дел од трговскиот дефицит. Но ретко кој од нив сака тука да инвестира. Велат дека не се чувствуваат сигурно, оти законите не се почитуваат.
Загрижува фактот што помладата таканаречена трета генерација на гастарбајтери се помалку ја посетуваат Македонија, и дел од годишниот одмор го поминуваат на друго место. Државата треба со одредени мерки да ги стимулира да доаѓаат во својот роден крај, велат од Стопанската комора на Северозападна Македонија.
Голем дел од печалбарите од полошките рурални општини, се отселени во западно европските земји. Статистиките говорат дека речиси 40% од населението од овој регион е гастарбајтерско.