Надлежните преку забрана за извоз до крајот на годинава и зголемен број инспекциски надзори на продажните места се обидуваат да го спречат неоправданото зголемување на цените на пелетите и на огревното дрво во пресрет на новата грејна сезона.
По реакциите од граѓаните дека нема на што да се греат во претстојната грејна сезона, Владата неодамна донесе одлука до крајот на годинава да се ограничи извозот на огревно дрво и пелети и најави зголемени инспекциски контроли во продажните места за пелети во кои ќе се проверува дали компаниите намерно ги кријат за да ги продаваат поскапо во зимскиот период. На 63-тата седница на Владата, одржана 20 јули годинава, на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) му беше наложено да се направат вонредни инспекциски надзори на трговци со пелети, со цел да се утврди продажната цена, капацитетите и достапните количини на пазарот.
Продавачите на пелети стравуваат дека нема да има доволно количини од увоз и очекуваат цените да растат
Фирмите, пак, кои продаваат пелети нагласуваат дека најмногу пелети увезуваат од Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, а во последно време и од Турција. Велат дека стравуваат оти нема да има доволни количини за увоз поради најавите за забрана за извоз од земјите од кои увезуваат. Не се сигурни и велат дека не можат да кажат дали ќе поскапат пелетите на почетокот на грејната сезона затоа што, истакнуваат, работите се менуваат од ден во ден. Сепак, потенцираат дека очекуваат поскапување. Сега велат вреќа пелети А класа со тежина од 15 килограми се продава по цена од 350 денари, а лани истата чинела од 190 до 200 денари. Нагласуваат дека цената на вреќа пелети зависи од земјата од каде е увезена.
Во земјава има осум компании за производство на палети кои задоволуваат околу 20 отсто од потребите на домашниот пазар. Дури 80 отсто од потребите се задоволуваат од увоз.
Од Царинската управа за МИА информираат дека во период од 1 јануари до 4 август годинава во земјава се увезени вкупно 40.710.099,69 килограми пелети во вкупна вредност од 587.914.340,00 денари. Увозот на пелети е претежно од земјите од регионот, меѓу кои најмногу се увезува од Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора. Увозот го вршат 135 различни домашни компании – увозници.
Целиот текст прочитајте го на skopjeinfo.mk