Билетот за јавен превоз од 9 евра, кој беше воведен во Германија со цел да се растовари сообраќајот и да се намалат негативните ефекти од поскапувањето на енергенсите, не ја постигна целта.
Речиси незабележлив е бројот на оние кои се откажале од користење на сопствен автомобил поради субвенционираниот месечен билет. Истовремено, зголемен е бројот на патувања со јавен превоз што немаше да се реализираат без субвенциониран билет.
Констатирано е дека 35 отсто од граѓаните користат јавен превоз повеќе од порано, но дека само три отсто се откажуваат од своите автомобили, што исто така укажува дека зголемениот број на патувања со јавен превоз се однесува на патувања кои немаше да се реализираат без месечниот билет од 9 евра.
Во јуни германската влада како дел од пакетот мерки за ослободување на граѓаните од зголемената цена на енергијата воведе билет од 9 евра кој важи за сите средства за јавен превоз, вклучително и локалниот железнички превоз.
Со оглед на тоа што билетот важи во целиот јавен превоз во Германија, теоретски е можно да се патува низ целата земја со локални возови. Ова делумно, особено за време на викендите, предизвика колапс на железничкиот транспорт на линиите од поголемите градови до туристичките дестинации.
извор: kajgana.com