Во последниве години, четиридневната работна недела често беше во центарот на вниманието како можен начин да се подобри рамнотежата помеѓу работата и приватниот живот, особено затоа што пандемијата принуди многумина да ги преиспитаат своите приоритети. Додека некои го сметаат за револуционерна алтернатива на вообичаениот ритам од понеделник до петок, за други четиридневната работна недела се покажа како несовладлив проблем.
Практиката од четири работни дена во неделата е тестирана низ целиот свет, а некои компании дури и трајно ја усвоија по детални студии, бидејќи се покажа дека ја подобрува благосостојбата на вработените и ги прави посреќни, додека го одржува истото ниво на продуктивноста.
Во многу компании, пак, четиридневната работна недела се покажа неодржлива. Во некои индустрии едноставно беше невозможно да се има слободен петок, додека во оние каде на работниците им беше дозволен тридневен викенд, слободното време често доаѓаше по исцрпувачката работна недела во која вработените мораа да работат повеќе од вообичаено за да го надоместат „изгубениот“ ден.
Меѓутоа, ако четиридневната работна недела не е универзалното решение што се очекуваше, дали тоа значи дека на соништата за пократко работно време воопшто им дојде крајот?
Одговорот е – не, бидејќи постои можност за воведување шестчасовна работна недела.
Зошто да не се работи помалку?
Осумчасовниот работен ден е практика која постои со децении, но не мора да е најпаметниот или најздравиот начин на работа. Датира од Индустриската револуција, период кој, колку и да беше влијателен за човечката историја, не беше баш љубезен кон интересите на работниците.
Во тоа време, осумчасовниот работен ден беше прогресивна политика создадена за да ги спречи работниците, вклучително и децата, да го „скршат рбетот“ работејќи 16-часови дневно. Идејата беше следна: еден ден има 24 часа, а може да се подели на три дела – осум часа работа, осум часа одмор, осум часа слободно време. И покрај ова, никој никогаш не рекол дека осум часа работа е идеална за луѓето – всушност, спротивното е точно.
Неколку неодамнешни студии покажаа дека фокусот и продуктивноста на работниците се намалуваат по околу пет часа, а британското истражување од 2019 година покажа дека канцелариските работници се чувствуваат продуктивни само околу половина од денот, а остатокот од времето го поминуваат прелистувајќи ги социјалните мрежи, правејќи чај или кафе. а некои од нив дури и бараат други работни места додека се на работното место.
Идејата за скратување на работниот ден наместо скратување на работната недела беше предложена од психолозите кои сметаат дека шест наместо осум часа работа би била поизводлива опција за компаниите и дека ќе има ист корисен ефект врз вработените како четиридневна работна недела.
Една од главните грижи за пократкото работно време е дека земјите нема да можат да си дозволат такви експерименти во време кога голем дел од светската економија е во лоша состојба. И покрај позитивните економски изгледи во Холандија, Данска и Норвешка, ОЕЦД препорача овие земји да ја зголемат својата продуктивност за да го забрзаат закрепнувањето од пандемијата на коронавирус, бидејќи се соочуваат со зголемена инфлација и криза на трошоците за живот.
Друга причина за загриженост е феноменот што е прикажан во студиите за четиридневната работна недела – работниците се чувствуваат како да имаат поголем притисок да завршат сè за пократка временска рамка.
Другата страна на ова прашање е обемот на работа. Многумина веќе работат прекувремено, честопати не се платени, а новата шема на шест часа треба да биде строго регулирана за да се осигура дека луѓето нема да продолжат да работат осум часа за да завршат сè.
Четиридневната работна недела на многумина им помага да најдат споредни работни места. Иако помалку часови се исто така олеснување кога е работата во прашање, дополнителниот слободен ден им носи повеќе бенефиции.
Значи, шестчасовниот работен ден е флексибилен, но четиридневната работна недела би била пофлексибилна опција. Како и да е, и двете би биле добри за вработените.
извор: nezavisen.mk