Германскиот министер за економија Роберт Хабек во петокот најави нови регулативи кои ќе се однесуваат на заштеда на енергија поради страв од недостиг.
Греењето во јавните згради ќе биде дозволено на максимални 19 степени Целзиусови, зградите и спомениците повеќе нема да се осветлуваат ноќе, а нема да се осветлуваат ниту билбордите, изјави Хабек.
„Потребни се повеќе заштеди и во деловниот свет“, рече тој, без да наведе повеќе детали. Тој рече дека за тоа се разговара и со претставници на Министерството за труд.
Во јули, Хабек претстави нов пакет за потрошувачка на енергија во контекст на значително намалување на снабдувањето со руски гас. Тогаш се зборуваше дека е важно да се намали потрошувачката на гас во компаниите, стопанските објекти и во приватните домаќинства.
Министерството за економија сега планира во соработка и координација со другите министерства да воведе дополнителни мерки поврзани со потрошувачката и ефикасноста на енергијата.
За овие мерки е предвиден почетен период од шест месеци.