Германија се соочува со демографски промени. Тоа на долг рок е притисок врз пензиските фондови. Решение кое се споменува е одење во пензија на 70- годишна возраст. Но, колку е реално одржлив таквиот концепт во иднина?
Пред само неколку дена во Германија ударна вест беше „толку малку млади лица како никогаш досега”. Секое десетто лице на крајот на 2021 било на возраст од 15 до 24 години, тоа се околу 8,3 милиони луѓе. Наспроти нив има 18 милиони лица постари од 65 години. Германија е среде демографска промена. Тоа пред сѐ значи дека општеството старее. Премалку луѓе се доселуваат и премалку се раѓаат, кои би можеле да го ублажат таквиот ефект.
Долгорочно тоа особено ќе се почувствува кај пензиите. Во Германија пензиите се покриваат главно преку постапка во која актуелните приходи ги покриваат пензиските расходи. Тоа значи дека лицата кои се редовно вработени и плаќаат придонеси ги финансираат со нив денешните пензионери, како што денешните пензионери тоа го правеле додека биле вработени. Таков модел се практикува во многу земји. Некои држави како на приме Шведска имаат и дополнителни акциски фондови за да остваруваат добивки. Во Германија државата веќе сега мора да доплатува буџетски средства заради покривање на пензиите.
Генерациски договор меѓу стари и млади
Таквиот модел функционира само ако има доволен број плаќачи на придонеси кои ги финансираат пензионерите - т.н. генерациски договор. И токму тоа е болната точка за нација која старее. Според пресметките на Организацијата за економска соработка и развој, во Германија веќе сега на 100 вработени лица има 37 пензионери. Бројката ќе расте во континуитет до 58 лица во 2050 година. Во други земји е уште подрастичен соодносот. Во Јапонија во истата година би можело да има 81 лице на 100 плаќачи на придонеси. Помалку погодени се земји со помладо население како Индија, но трендот веќе се наѕира и таму. Тоа значи дека или ќе се намалат пензиите, или треба да се зголемат придонесите. Или државата да дава уште поголеми субвенции за пензиските фондови. Има уште една опција која се споменува често: пензионирање на 70- годишна возраст. Во моментов пензионирањето во Германија постепено се поместува од 65 на 67 години.
Претседателот на здружението на работодавци „Гезамтметал”, Штефан Волф, неодамна повторно ја отвори таа тема. Особено работодавците повремено даваат вакви предлози за зголемување на возраста за одење во пензија. Предлогот најчесто не наидува на многу симпатии. „Постепено зголемување на возраста за пензионирање е многу непопуларна мерка. Затоа политиката такво нешто одложува сѐ додека е можно, но тоа ги одложува и олеснувачките ефекти", вели за ДВ Јоханес Рауш од Центарот за економија на стареењето од Минхен.
Рауш смета на тоа дека порано или подоцна - веројатно подоцна - возраста за одење во пензија ќе се врзе на поголемите животни очекувања. А, според него тоа има свои предности. На пензионерите би им стоеле доволно плаќачи на придонеси на располагање и балансот ќе може да се одржи. Така пак нема да мора да се зголемуваат придонесите во голема мера, а ќе може да се исплатуваат повисоки пензии.
Германија не би била сама на тој пат. Во Организацијата за економска соработка се проценува дека во 20 од 38 земји членки ќе се зголеми возраста за одење во пензија - на 66,1 за мажи и 65,5 за жени. Во земјите во кои возраста за одење во пензија се врзуваат на животните очекувања, како на пример Данска, Италија или Естонија веќе сега се покажува дека возраста за пензионирање ќе биде повисока од наведената. Во Јапонија возраста за пензионирање ќе остане стабилна, но бројот на пензионери кои и натаму работат е посебно висок кај нив.
Целиот текст е на dw.com