Сите цигари кои се пласираат на српскиот пазар од 1 јануари следната година ќе мора да се произведуваат со хартија за самогаснење, соопшти српското Министерство за економија.
„Паковањата на цигарите кои не ги исполнуваат условите од новите стандарди може да се најдат во малопродажните салони до истекот на залихите само доколку се купени пред тој датум, што продавачите ќе го докажат на пазарната инспекција на нејзино барање“, велат од Министерството.
Правилникот за утврдување на списокот на српски стандарди од областа на општата безбедност на производите беше ажуриран во 2021 година и за прв пат ги опфати стандардите, а Министерството за економија соработуваше со тутунските компании при неговата подготовка.
Со измената на барањата за производителите и увозниците на тутунски производи се потврдува примената на референтната листа на усогласени европски стандарди од областа на општата безбедност на производите содржана во овој правилник, како и примената на референтната листа на соодветни усогласени стандарди на Европската комисија објавена во официјалниот весник на Европската унија во 2020 година.