Во 2021 година, земјите-членки на Европската унија произвеле 33,1 милијарди литри пиво што содржи алкохол и речиси 1,7 милијарди литри од овој пијалок што содржел помалку од 0,5 проценти или целосно без алкохол, покажуваат податоците на Канцеларијата за статистика на ЕУ (Еуростат).
Меѓу членките на ЕУ чии податоци се достапни, Германија беше најголем производител во 2021 година, како и во 2020 година, со 7,5 милијарди литри (23 отсто од вкупното производство во ЕУ). Тоа значи дека приближно секое четврто алкохолно пиво произведено во ЕУ потекнува од оваа земја.
По Германија следуваат Полска и Шпанија, и двете со по 3,7 милијарди литри произведени или 11 отсто од вкупното производство на ЕУ, а потоа Холандија со 2,5 милијарди литри (седум отсто). Овие четири земји заедно произведуваат 52 отсто од пивото што доаѓа од ЕУ.
Трговските податоци на Евростат покажуваат дека Холандија продолжила да води на листата на најголеми извозници на пиво што содржи алкохол во 2021 година. Имено, лани од таа земја се извезени вкупно 1,9 милијарди литри алкохолно пиво, што претставува 21 отсто од вкупниот извоз на пиво во ЕУ.
Следат Белгија (1,7 милијарди литри; 19 проценти) и Германија (1,6 милијарди литри; 17 проценти), а потоа Франција и Чешка (и двете 0,5 милијарди литри; шест проценти).
Кога станува збор за главните дестинации за извоз на пиво во земјите кои не се членки на ЕУ, најголеми партнери биле Велика Британија (902 милиони литри; 22 отсто од вкупниот извоз на пиво надвор од ЕУ) и САД (765 милиони литри; 19 отсто), следени од Русија (391 милиони литри; девет проценти), Кина (340 милиони литри; осум проценти) и Јужна Кореја (168 милиони литри; четири проценти).
Во однос на увозот, Франција продолжи да биде најголемиот увозник на пиво што содржи алкохол во 2021 година, со 0,8 милијарди литри, што претставува 16 отсто од вкупниот увоз во ЕУ. Италија и Германија увезоа речиси 0,7 милијарди литри (13 проценти), а потоа следат Холандија (0,6 милијарди литри; 12 проценти) и Шпанија (0,5 милијарди литри; 10 проценти).
Увозот на пиво што содржи алкохол од земји надвор од ЕУ е маргинален во споредба со трговијата внатре во ЕУ. Меѓутоа, во тој сегмент, членките на ЕУ ги фаворизираа британското (248 милиони литри; 47 проценти од вкупниот увоз на пиво) и мексиканското пиво (122 милиони литри; 23 проценти) во 2021 година.
На листата на најдобри увозни партнери следат пивата од Србија (46 милиони литри; девет проценти од вкупниот увоз на пиво во ЕУ), Белорусија (26 милиони литри; пет проценти) и Украина (17 милиони литри; три проценти), но со многу помали вредности.
извор: biznisinfo.mk