На почетокот на новата учебна година четири генерации ученици се без потребните учебници. Без книги се учениците од прво, второ, четврто и петто одделение.
Учебници ќе има, уверуваат од Министерството за образование, но посочуваат дека ќе бидат готови некаде до пред крајот на првото полугодие, заради што се изготвени материјали за учење. Тие се веќе доделени, но родителите на учениците се револтирани, од, како што велат за Фактор, несериозниот однос кон тоа што е најважно за децата, а тоа е образованието и целиот образовен процес. За нив е незамисливо сите предмети, како што велат, односно мајчин јазик, математика, историја и општество и природни науки да бидат во само една “книгичка“ наречена „Материјали за учење“.
Сите промени досега, сите овие изминати години се само на штета на учениците, а образованието со „брзина на светлината“ оди само надолу и надолу, велат некои од родителите.
За жал, која и да е проичината, децата се тие кои ќе ги почуствуваат негативните последици од недостатокот на потребни учебници за секое дете. Лани учениците во четврто одделение немаа книги туку сами учеа онлајн од дигитални учебници, но скоро сите принтаа учебници во своја режија за полесно учење на децата.