Само три отсто од домашните тур-оператори ја продаваат земјава како дестинација, а еден од предлозите на експертите за да се зголеми интересот кај истите е да се воведат субвенции. На тој начин би се достигнала бројкаод 500 000 до 700 000 ноќевања, а услов за тоа би било исплаќање К-15 на сите вработени во земјава во вид на ваучер за одмор (сместување) во домашните туристички капацитети.
Но се поставува следното прашање – “Дали ефектот од ваучерите и начинот на кој тие се издаваат е прифатлив?”
Објаснувањето на експертите е следно:
Субвенционирањето е краткорочна мерка која дополнително треба да ги охрабри инвеститорите кои понатаму вложуваат во дестинацијата. Новиот модел од 2019 не беше доволно спремен да ги поткрепи сите правила на субвенциите, како што се: плаќање во и вон сезона, типот на аранжман, сместувачките капацитети итн. Аранжманите ББ (ноќевање со појадок) во хотелите со пет ѕвездички треба да добиваат најголема субвенција за разлика од аранжманите во хотели со три ѕвездички, а приватното сместување во кое и вложувањата се различни, треба да има 50 отсто пониска субвенција од хотелите со три ѕвездички.
Овој начин би овозможил дополнителна конкурентност на дестинацијата, вложување на странските тур-оператори, но и на домашните инвеститори и менаџери во подобрување на условите, како и реална, објективна категоризација која вистински ќе ја отсликува состојбата во хотелите.
Единствената цел е во 2024 година овој модел на субвенционирање да даде плод во работата кај угостителите а пример за тоа треба да ни биде Хрватска каде е воведен модел за субвенционирање рурални домаќинства и тоа дало понатамошен потенцијал и максимален ефект.