Побарувачката за закуп на недвижности со стартот на новата учебна и академска година почнува да се зголемува и ситуацијата е подобра од претходната година, меѓутоа не е како пред почетокот на пандемијата.
Локациски, најголема побарувачка за закуп на недвижности има околу факултетите, како и во општините Карпош, Центар, Кисела Вода, Аеродром на локации кои се во близина на образовните установи или каде има достапни автобуски линии за превоз на студентите.
Најголем интерес за закуп на недвижности во главниот град, според информациите од агенциите за недвижности има за домување, а за деловен простор се помалку. Исто така, побарувачката во најголем дел е од домашни државјани, додека странци има се помалку.
Во Центар, во првиот квартал годинава метар квадратен станбен простор се издава во просек за 299 денари, по што следат Карпош со 269, Аеродром со 260, Кисела Вода со 213, Гази Баба 198, Чаир 183, Ѓорче Петров со 164. Веќе во вториот квартал се забалежува мал раст, односно во Центар се плаќа по 303 денари по метар квадратен станбена површина, во Карпош 263, во Аеродром 241, Кисела Вода 202, Гази Баба 193, Чаир 174, а Ѓорче Петров 166 денари.
Во однос на закупите на куќи нема некои поголеми промени како во поглед на побарувачката, така и во поглед на цените кои се зголемени, но не како кај становите. Деловни простори се издаваат под закуп помалку со оглед дека кризите предизвикаа негативни ефекти врз бизнисот.
Дури и агенциите за недвижности кои поголем сегмент од своето работење претходно посветувале на изнајмување деловен простор, во моментот посочуваат дека побарувачката е намалена. Меѓутоа, напоменуваат дека станува збор за атрактивни деловни простории, каде побарувачка има и тие се издаваат за краток временски период.