Метеоролгот Славчо Попоски вели дека и во октомври ќе имаме денови со убаво време. Додава дека во согласност со прогнозите, дури кон крајот на октомври ќе имаме потреба од користење на грејни тела и загревање на домовите. За тоа каква зима ќе имаме, и дали ќе се соочиме со поларни температури, уште е рано да се каже. Идниот месец ќе има повеќе детали и попрецизна слика на оваа тема.
„Првични информации за тоа каква зима нè очекува ќе имам некаде во октомври. Инаку оваа есен ќе биде релативно топла и со натпросечно високи температури. Врнежите ќе бидат под просекот, значи очекуваме помалку врнежи од вообичаеното, а заладување на времето барем засега не се очекува, значи некое поголемо заладување на времето нема на видик. Ја разгледував анализата за зимските месеци, но сепак е многу неофицијална и истата укажува на тоа дека зимските месеци ќе бидат натпросечно топли со нешто повисоки температури и просечно количество на врнежи. Сепак и покрај ова можно е да дојде до спуштање на екстремно поларни воздушни маси од Арктикот и истите би условиле екстремно ниски температури на воздухот“, вели Попоски.
Како што објаснува метеорологот, беровскиот регион обично е најстуден, а се случува и битолскиот понекогаш да има доста студено време. Поповски вели дека централните и југоисточните предели на Македонија обично се најтопли. За летото кое е при крај, метеоролгот објаснува дека ќе биде запаметено по тоа што донесе временски непогоди.
„Временските непогоди често ни се случуваа. Имавме поплави во Тетово и Кавадарци и тие беа најпогодени од невремето. Временските непогоди сè почесто ќе ни се случуваат, тоа треба да се спомне, а температурите беа околу просекот. Значи имаме нормално топло лето и немавме некои премногу големи отстапувања“, рече Попоски.
извор: faktor.mk