Распишани се јавни повици за примање на неколку различни категории на вработени. На најголемиот број од луѓето што ќе дојдат да работат во Царина им се нудат ниски плати од по околу 24.000 денари.
Се најавува големо вработување во Македонската Царина. Се примаат наеднаш 63 лица за работа во Царинската управа, а за овие нови вработувања огласот е распишан од Агенцијата за администрација.
Сепак има и такви што ќе бидат малку подобро платени, односно девет лица ќе добиваат плата во висина од 33.000 денари. Функцијата на овие девет лица ќе биде Виш Цариник во отсекот за стоков промет во царинската испостава на автопатот Табановце, во Царинарницата Куманово. Потребно за конкурирање е лицата да имаат или Правен или Економски факултет или пак, да се специјализирани за менаџмент.
Она што е поволно за нив, е дека работно искуство- воошто не треба да имаат! Нето платата изнесува 32.784 денари. Во однос на на етничката припадност, согласно годишниот план на институцијата за оваа година, предвидени се вработувања на седуммина Македонци и двајца Албанци.
Во Царинарницата Куманово на автопатот Табановце, освен вишите цариници, се примаат уште 10 други работници, чија функција ќе биде обични цариници. Работно искуство не треба да имаат, а образованието треба да им биде минимум средно или више. Платата за оваа позиција ќе изнесува 24.394 денари. Планирано е да се примаат петмина Македонци, тројца Албанци, еден Турчин, еден од друга националност.
Третиот оглас е за 11 цариници во отсекот за патнички промет во царинската испостава Меџитлија, во Царинарницата Битола. Тие не мора да имаат воопшто високо образование, туку више или средно, и не треба да имаат никакво работно искуство. Покрај активно познавање на компјутерски програми за канцелариско работење, активно познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската унија, односно англиски, француски и германски, треба да имаат и сертификат за канцелариско и архивско работење. Нивните плати ќе бидат 24.394 денари, а се примаат на овие позиции седуммина Македонци, двајца Албанци, и по еден Ром и Бошњак.
Натаму, преку уште еден оглас се бараат дури 20 цариници во отсекот за патнички промет во царинската испостава Меѓународен Аеродром Скопје, во скопската Царинарница. Исто и тие треба да се со више или средно образование, и нема потреба да имаат никакво работно искуство. Платите и овде се 24.394 денари, а се вработуваат 13 Македонци, петмина Албанци, еден Турчин и еден Ром.
И последната категорија од 13 нови вработувања е за цариници во отсекот за патнички промет во царинската испостава Блаце. За нив важат истите услови, а ќе ги земаат и истите плати како и претходните две категории, а се примаат деветмина Македонци, двајца Албанци, еден Турчин и еден Србин.