Министерството за финансии подготвува измени на Законот за кредитно биро чија цел е воведување извештај за кредитната способност на кредитобарателите. Во согласност со Законот за кредитно биро, истакнуваат од Министерството за финансии, кредитното биро може да изготвува извештаи за состојбата на обврските на правни и физички лица, но не може да изготвува извештаи за нивната кредитна способност, што е вообичаена активност на кредитните бироа во меѓународни рамки, пишува порталот Академик.
Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за кредитно биро, по скратена постапка, е во собраниска процедура. Предлагач на Законот е Владата на РМ. Донесувањето на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за кредитно биро, се вели во законското образложение, е со цел воведување на извештај за кредитно рангирање на кредитобарателите. Овие измени ќе овозможат изготвување на поквалитетни извештаи за субјектите на податоци, а на тој начин и подобро управување со ризикот од страна на финансиските институции. Исто така, кредитобарателите ќе имаат јасна слика за својата финансиска состојба.
Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за кредитно биро се заснова на истите начела на кои се заснова и основниот текст на Законот.
Основни решенија на предложениот закон се:
- кредитното биро ќе изготвува извештаи за кредитно рангирање на кредитобарателите;
- кредитното биро ќе обезбедува и податоци од јавни книги и регистри и други јавно достапни податоци и
- банка со седиште во Република Македонија, врз основа на договор склучен со кредитното биро, ќе издава извештаи на кредитното биро за субјекти на податоци.