„Wizz Air“, најбрзо растечката нискобуџетна авиокомпанија во светот, соопшти дека го информирала европскиот производител „Airbus“ дека има намера да ги искористи своите опции за купување 75 авиони од типот „A321neo“.
Дополнителните 75 авиони „A321neo“, со испорака на најголемиот дел се очекува во 2028-2029 година, ја потврдуваат амбициозната цел на „Wizz Air“ до крајот на оваа деценија да ја зголеми повеќе од тројно големината на својата флота и на тој начин да стане авиокомпанија со дури 500 авиони.
„Зајакнувајќи ја својата позиција како една од најодржливите нискобуџетни авиокомпании, авионите „A321neo“ се одликуваат со најновата технологија во авијацијата и нудат бројни еколошки придобивки, со намалување на бучавата за речиси 50 проценти, потрошувачката на гориво за 20 проценти и емисиите на азотни оксиди за 50 отсто“, пишува во официјалното соопштение на компанијата.
„Wizz Air“ моментално има флота од 165 авиони „Airbus“ и една од најмладите флоти на авиони за кратки релации.
„Ние сме на добар пат да станеме авиокомпанија со 500 авиони до крајот на оваа деценија и да ја исполниме обврската да ги намалиме емисиите на CO₂, кои се веќе најниски во секторот, за 25 отсто до 2030-та година“, рече Јожеф Варади, генерален директор на „Wizz Air“.