Тестирањето на единствениот електронски систем за наплата на патарините во земјите на „Отворен Балкан“ е во тек, а овие ТАГ уреди ќе можат да се користат во Србија, Албанија и Северна Македонија.
Како што изјави Дарко Савиќ од „Патишта на Србија“ за РТС, системот ќе почне да функционира кога ќе се потпишат сите договори.
Системот во моментов е во тест фаза, но очекуваме многу брзо да бидат потпишани конечните договори и системот да профункционира. Многу лесно може да се прошири на други системи за наплата, дури и на системи како што се сателитскиот во Бугарија, како и на системите за наплата во Република Српска, каде што веќе ги тестиравме нашите уреди и тие работат, како и во БиХ и во Црна Гора, кажа Дарко Савиќ.
Тој појасни дека во рамките на „Отворен Балкан“ системот ќе функционира со поврзување на ТАГ уредот со платежната картичка на корисникот и дека не е потребно надополнување, туку парите ќе се симнуваат од сметката на корисникот.
Тој нагласи и дека во Србија во тек е проект за проширување на 26 наплатни станици за корисниците на електронско плаќање за да можат побрзо да минуваат низ наплатните станици.
Во Србија електронското плаќање во моментов е најчест начин на наплата на патарината и во системот за наплата има повеќе од 550.000 активни корисници.