Граѓаните на државите од Западен Балкан, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија од ноември 2015 година, благодарејќи на таканаречената Регулатива за Западен Балкан, може да работат во Германија. Единствен услов е апликантите да имаат склучен договор за работа во некоја германска компанија. Нивниот број не е мал. Во првите девет месеци од измината година германските амбасади во регионот имаат издадено 19.294 визи. Во 2017 година, најголем дел од нив се издадени во Босна – 4.702 и на Косово – 4.758. Потоа следи Македонија со 3.675 и Србија со 3.613 издадени визи. Амбасадата во албанскиот главен град Тирана во истиот период има издадено 2.796 визи.
Но многу луѓе стојат пред вратите на амбасадите. Министерството за надворешни работи потврди за Дојче Веле дека „енормно е зголемен бројот на барања за работни визи во земјите од Западен Балкан за луѓе кои сакаат да работат во Германија”. И „овој број постојано расте“.
На Косово се чека повеќе од една година
Но времето за обработка на барањата е многу долго, особено од терминот на закажување до поднесувањето на документите, вели Карола Буркерт, експерт за миграција во Институтот за работа и професионален развој (ИАБ). Први на листата земји со долготрајна процедура се Косово, каде времето на чекање е една година, потоа БиХ и Србија со седум месеци и Албанија со шест месеци. Дополнително на ова е и процедурата за обработка на визата. „Замислете, има понуда за работа“, вели Буркарт. „На работодавачот му требате сега – и ако потенцијалниот работник не дојде, бидејќи нема виза, тогаш работодавачот мора да си се снајде.“
Токму тоа му се случи на Беким Имери. Овој возач на камион од Гостивар добил понуда за работа од фирма во Падерборн. Но, поради тоа што ни по неколку месеци немал добиено виза, работодавачот ја повлекол понудата. „Толку долго не ве чека никој во Германија“, вели Беким.
Сега овој 46-годишник повторно бара работа во Германија и ја најде во една компанија во Штутгарт. Договорот за работа и ново барање за виза лично ги донесол во амбасадата во Скопје, каде што бил примен по повеќе од седум часа чекање. Оттогаш Беким секој ден загрижено ја чека визата, за да не ја пропушти и втората шанса за работа во Германија. Всушност, во својата најнова студија Институтот за работа и професионален развој насловена како „Регулативата за Западен Балкан: работа наместо азил?” утврди дека постои голема дискрепанца меѓу бројот на издадени визи и бројот на одобренија од страна на Агенцијата за вработување, што исто така е неопходно за добивање на виза за започнување со работа. Нивниот број од ноември 2015 до септември 2017 година се зголеми на 128.000 – но бројот на издадени визи достигна само 38.000.
Зошто толку долго трае процедурата за добивање работна виза?
„Времето на чекање за виза секогаш зависи од бројот на поднесени барања и од капацитетот на конзуларните одделенија во амбасадите”, велат од Министерството за надворешни работи за ДВ. Германските амбасади во западнобалканските земји се „максимално засилени” , а „канцелариските капацитети во амбасадите се максимално искористени”.
Германската амбасада во албанскиот главен град Тирана во 2017 година има обработено околу 50.000 барања за визи, од визи за краткорочен престој за туристи и бизнис посети, до долотрајни визи за студирање, спојување со семејство или работна виза. И покрај тоа што бројот на вработени во конзуларните престставништва е зголемен, а годинава се планира и ново засилување, барањата за визи ги надминуваат капацитетите: „Долгото време на чекање за обработка на барањата за жал се неизбежни.” Истото важи и за амбасадата во Белград.
„Убиствени“ процедури
Не е ни чудо што расте незадоволството кај апликантите. „На Косово во моментов е полесно да добиеш на лото отколку да добиеш германска виза. Ова се убиствени процедури“, вели разочарано Згијм Бериша од Приштина. Тој е последна година специјализант на клиниката на хирургија на Универзитетската клиника во косовскиот главен град: „Знам добро образовани доктори и медицински персонал со познавање на германски јазик, кои радо би работеле во Германија. Единствена пречка им е визата.”
„Во Србија до јуни следниот слободен термин за поднесување документи во амбасадата беше за четири до пет месеци“, вели Дејан.М од Србија, а „сега е седум“. Дејан во февруари добил понуда за работа од една берлинска ИТ-компанија и оттогаш чека термин.
И Клеис Хазизи од Албанија, кој има потврда за неограничен договор како шпедитер во фирма од Тиринген, веќе пет месеци чека термин. Потребните документи одамна му се спремни.
Преголема фрустрација на сите страни
Карола Буркерт смета дека визната постапка се користи како инструмент за управување со миграцијата преку визната политика. „Се вели дека имаме економска миграција од Западен Балкан, така што ги прошируваме легалните начини за доселување под одредени услови – но бирократијата и човечките капацитети не беа обновени и проширени поради за ова да биде одржливо. Тоа отвора дилема, бидејќи води кон преголема фрустрација на многу страни.“
Не само потенцијалните работници од Западен Балкан, туку и нивните германски работодавачи чекаат, еден ден некој да ги собере документите на нивните апликанти од огромните купчиња во германските амбасади.
Извор: DW