Работниците низ светот поминуваат многу часови работејќи од дома и, всушност, би сакале да го прават тоа уште повеќе, покажуваат резултатите од новото германско истражување.
Според истражувањето спроведено од германскиот институт за економски истражувања „Ифо“, вработените во просек работеле од дома еден и пол ден во неделата. Беа опфатени 27 земји и работници во сите индустрии. Моделот работа од дома доби интензитет по избувнувањето на пандемијата на коронавирусот, пред две и пол години.
Од „Ифо“ наведуваат дека во САД, просекот на работа од дома е 1,6 ден, во Германија 1,4, во Франција 1,3, а во Јапонија 1,1.
Никогаш досега настан како пандемијата на коронавирусот толку сеопфатно не ги променил животите на вработените за толку кратко време.
Германскиот научник работел со колеги од пет други истражувачки институции во САД, Велика Британија и Мексико, вклучувајќи ги и универзитетите „Стенфорд“ и „Принстон“. Долс забележа дека резултатите даваат просечна вредност и вклучуваат некои индустрии каде што воопшто не е можно да се работи од дома. Резултатите се базираат на вкупно околу 36.000 прашалници, а истражувањето е спроведено во два круга, во летото 2021 година и во јануари/февруари оваа година.
Истражувањето откри уште едно нешто што го имаат работниците во сите држави – вработените повеќе сакаат да работат од дома отколку нивните шефови. Во просек, во сите 27 земји, 36.000 испитаници би сакале да работат дома во просек 1,7 ден неделно. Компаниите, пак, би сакале почесто да ги гледаат своите вработени во канцеларија. Во просек, тие планираат или сакаат нивните вработени да работат од дома само 0,7 дена во неделата.
извор: novamakedonija.com.mk