Цените на становите во текот на 2021 година пораснаа за 6,1 процент
Обемот на трансакции со недвижности во 2021 година значително го надмина претпандемичното ниво, а растот на цените на становите забрза и е над долгорочниот просек и долгорочниот тренд. Цените на становите во текот на 2021 година пораснаа за 6,1 процент, при што растот е позначителен од второто полугодие на годината. Стапката на раст на цената на становите во домашната економија е малку пониска од просекот за Европската Унија којшто изнесува 8,3 отсто, се наведува во Извештајот за финансиската стабилност на Народна банка.
Од НБРСМ, осврнувајќи се на Извештајот, посочија дека растот на цените на становите во еден дел е одраз на факторите на страната на понудата, како што се зголемените трошоци на градежните материјали и ефектите од пандемијата врз понудата на станови во претходната година.
– Имено, поради пандемијата беа одложени дел од градежните работи, па се намали понудата на завршени станови во 2020 година, којашто веќе во 2021 година бележи раст. Значителен раст бележи и бројот на издадени одобренија за градење, што упатува на натамошен раст на понудата и во следниот период, во услови кога бројот на непродадени станови исто така расте, истакна од НБРСМ.
Оттаму посочија дека и во 2021 година, се бележи солиден раст на станбените кредити, како еден од изворите за финансирање на трансакциите со недвижности, што придонесува за одржување на побарувачката на овој пазарен сегмент.
Целиот текст е на vecer.mk