Тие добиваат плата во вештачко млеко и пелени, а работното време им е флексибилно, во програма што ги поврзува луѓето низ генерации и го подобрува животот.
Повеќето работни места имаат слични барања: завршено образование и претходно работно искуство се меѓу стандардите.
Но, огласот за работа во јапонскиот дом за стари лица, Moyai Seiyūkai, е сосема поинаков од се што сме виделе досега. Имено, за споменатата работа не е потребно работно искуство, а идеалните кандидати имаат меѓу еден месец и три години.
Добро прочитавте, дом за стари лица во Јапонија „вработува“ бебиња за да можат постарите жители на домот да имаат бебиња за друштво. Таканаречените „бејби работници“ ги развеселуваат жителите таму и им ги разубавуваат деновите.
Во моментов, домот за стари лица има 32 деца на возраст под 4 години кои поминуваат време со неговите жители, кои главно се во 80-тите години. Станарите започнуваат разговор со младите помошници кои се придружувани од нивните родители или старатели (обично мајки).
„Не се гледам многу често со моите внуци, па затоа посетите на децата ми се голема радост“, вели 85-годишната Кјоко Накано, која живее во старечки дом повеќе од една година. Иако ужива да плете и да гледа телевизија, таа рече дека се откажува од се за да поминува време со бебињата и малите деца кога ќе пристигнат. „Дури и жителите кои беа нерасположени или изгледаа депресивно цело време, сега блескаат кога доаѓаат бебињата, изгледаат многу среќни“, вели менаџерката на домот за стари лица, Кими Гондо.
Како што популацијата на Јапонија брзо старее, бројот на корисници на старечки домови речиси се удвои помеѓу 2005 и 2020 година. Бидејќи животот во домовите знае да биде осамен и досаден, жителите велат дека бебињата им донеле нова енергија и светлина. Истражувањата потврдија дека дружењето меѓу генерациите има многу предности и за постарите и за децата.
Ако се прашувате кои се барањата за „вработените“: законските старатели мора постојано да бидат присутни со бебињата. Сепак, нема работно време: на бебињата им е дозволено да доаѓаат и да си одат како што сакаат. Плаќањето е исто така доста необично. Како компензација, бебињата добиваат пелени, храна за бебиња, бесплатно фотографирање на бебиња, ваучери за кафе... Главна задача на бебињата е да им прават друштво на жителите и да одат на прошетка со нив. Ако дремат во количка, тоа воопшто не е проблем. На крајот на краиштата, која сцена може да биде поубава.