Несовесни возачи на автомобили честопати не се ни обидуваат да ги избегнат вирчињата на патот, па водата редовно завршува во некој пешак што се движи на тротоар.
Покрај премините на семафори, граѓаните велат дека уште полоша е ситуацијата кога минуваат пешачки премини. Во тие случаи возачите воопшто не внимаваат дали има пешачи.
Со оглед на тоа дека е есен и се најавуваат врнежливи денови, доколку доживеете ваква непријатност, постои закон со кој може да биде казнет возачот.
За да бидат казнети несовесните возачите мора да бидат фатени во моментот кога го извршуваат делото. Според Секторот за внатрешни работи – Скопје, казнувањето е можно ако возачот го запре возилото или, пак, полицаец да биде сведок на настанот.
Според членот 129 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, возач што се движи по коловоз на кој има вода е должен да го приспособи возењето така што нема да ги испрска пешаците, велосипедистите, моторџиите и слично.
Според регулативите, сообраќајниот полицаец мора на самото место да го констатира тој прекршок, што значи дека мора да биде сведок на делото за да следува казна за несовесниот возач. Другата опција на докажување е да го задржите возачот што ве испрскал додека дојде полициска екипа, па потоа тој да го признае делото.
Според законот, граѓаните можат да пријават прскање од несовесен возач на телефонскиот број 192. А казната за ова дело е 35 евра или 15 негативни поени впишани во возачката дозвола.