На девизниот пазар, вредноста на доларот во однос на кошницата валути достигна ново највисоко ниво во 20 години, бидејќи американската валута се смета за безбедно засолниште за капиталот во неизвесни времиња.
Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, се движи околу 114,60 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 113,80 поени.
Притоа, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 144,45 на 144,70 јени.
Американската валута зајакна и во однос на европската, па цената на еврото падна на 0,9555 долари, додека вчера во ова време беше 0,9640 долари.
Освен европската, под притисок со денови е и британската валута поради стравувањата на инвеститорите дека економскиот план на новата британска влада ќе доведе до претерано растегнување на јавните финансии.
Агенцијата „Мудис“ (Moody’s) предупреди дека намалувањето на даноците и зголеменото задолжување на државата може да бидат негативни за кредитниот рејтинг на земјата.
Утрово фунтата падна за речиси 1 отсто, на 1,0635 долари.
Цените на нафтата, пак, нагло паднаа по вчерашниот раст. Цената на барелот на лондонскиот пазар се „лизна“ за 1,48 отсто, на 84,99 долари, додека на американскиот пазар барелот поевтини за 1,38 отсто, на 77,40 долари.
Извор: vecer.press