Кога квалитетот зборува сам за себе а традицијата опстојува над 20 години тогаш признанието кое го доби ресторанот на фамилијата Митрови од Мрзенци воопшто не е изненадување.
Со своите два ресторани Јавор Агапи во Мрзенци и Јавор Мрзенци во Скопје со децении ја диктираат гастрономската карта на Македонија.
Пробивајќи се на туристичката мапа прво скромно а со текот на годините масовно, јагнето од Мрзенци стана национален специјалитет нашироко познат на Балканот и Европа. За јагнето зборуваат и нашинците на другите континенти а нема позната ѕвезда од Балканот и светот која не седнала на чашка муабет со главата на семејството Газда Перо.
Се воодушевуваат буквално од сé велат од ресторанот: ”Јагнето им легнува веднаш на душа, овчото сиренце фантастично се согласува со печените пиперки а за големината на скопскиот јабучат на долго и широко се раскажува после заминувањето од ресторанот...”
Стратешката локација која ја има ресторанот во Мрзенци близу грчката граница придонесува со години во него да уживаат туристите кои патуваат од и на одмор кај јужниот сосед.
Србите се најчестите посетители кои не ретко јагнето од Јавор Агапи го консумираат и за доручек. Соседите грци пак уживаат во неделни ручеци и семејни вечери.
Наградата за животно дел во име на Газда Перо ја прими постарата ќерка Марија а ние ја прашавме какво значење има за семејството ова признание:
- Ние како фамилија чија главна и примарна дејност веќе 38 години е токму угостителството сме длабоко почестени од наградата за животно дело за туристичка промоција и афирмација на нашата држава. Убаво е чувството кога цел ваш труд, макотрпна работа и посветеност се јавно признати и наградени. Со оглед на тоа што нашите почетоци датираат од 1984 година, успеавме од едно мало место како Мрзенци да го внесеме на туристичката мапа како место задолжитено за посета.
За нашиот специјалитет јагнешко печење ни доаѓаат гости од разни страни од светот. И не само јагнешкото и за сите останати специјалитети што излегуваат од нашата кујна, задолжително тоа мора да биде од локални производители и од домашни фарми. Тоа е уште една причина зошто сме толку посетувани и зошто сите, пред да почнат со ручекот, задолжитено ги вадат мобилните и ги сликаат на пример килските патлиџани.
На нашите гости им е добро познато каква врска негуваме со особено вкусните и сочни скопски јабучари и дека ни се слабост кога им е сезона и дека ниту едно јагнешко печење не поминува без скопски јабучар. И на сето ова ќе го додадам и белото овчо сирење кое што е исклучиво од производители од планински предели со сопствени бачила.
Ако ја земеме предвид и местоположбата на ресторанот, во близина на грчката граница, посебно во летниот период каде што освен гости од соседна Србија, сме се почесто посетувани од голем број туристи што транзитираат низ Македонија.
Кај нас во ресторанот се зборува на сите можни јазици и со големо задоволство можам да кажам цел тим од Јавор Агапи Мрзенци сме амбасадори на Македонија и ја промовираме нашата држава најдобро што можеме. Вкусувајќи ги нашите специјалитети, побарувачката за домашни производи се повеќе расте, па така ги упатуваме нашите гости на места од каде може да набават автентични локални намирници. Многу сме посветени на ова што го работиме и навистина го работиме со многу голема љубов. Пред извесен период бевме одбрани за домаќини да пречекаме и угостиме со доручек висока делегација од Република Турција. Се потрудивме турските специјалитети да бидат приготвени со автентични домашни намирници.
Навистина вложуваме голем дел од самите себе особено кога треба да се претстави Македонија во цел свој сјај и блесок.
Позади цела оваа органзација и години работа стои нашата фамилија, фамилија Митрови, на чело со татко ми Перо и мајка ми Агапи. Јас и мојата помлада сестра Билјана внимателно ги следиме чекорите на нашите родители. Навистина сме изненадени од наградата и признанието кое што е доделно на нашиот татко.
- Горди сме на таков родител и среќни сме што сме токму ние негови деца. Да се биде чинител во туристичката област и општо дел од чинителите во афирмација и промоција на Македонија и да ви се оддаде национално признание е нешто што ви дава уште поголем мотив за работа.
Мрзенци си зазема едно мало парче место од светската туристичката мапа а за нас тоа мало парче место е цел универзум.
Ви посакуваме уште поголеми гурмански успеси!