Кон крајот на неделава ќе бидат објавени анализите кои ќе им помогнат на институциите да одлучат дали во земјава ќе остане летното сметање на времето или на крајот на месецов сепак ќе дојде до промена. Одлуката ќе се донесе по анализите на Министерството за економија.
Испитувањето на оваа можност доаѓа откако надлежните проценија дека летното сметање би помогнало да се заштеди струја, односно преку зимата нема толку рано да се стемнува. Вообичаено во последниот викенд на октомври започнува зимското сметање кога часовникот се враќа еден час наназад.
Евентуалното задржување на летното сметање на времето ќе значи дека во зимските месеци сонцето ќе изгрева еден час подоцна, работниот ден со природна светлина ќе биде подолг, па наместо да почне да се стемнува во 16, ќе се стемнува час подоцна. Дебатата за целосното укинување на менувањето на зимското и летното сметање на времето ја отвори и Европската комисија пред четири години.
Околу 83 отсто од жителите на ЕУ изјавиле дека поддржуваат укинување на овој начин на сметање на времето, по што Комисијата достави официјален предлог до Европскиот парламент, кој го усвои во 2019. На сите држави им беше оставено сами да си одлучат што ќе прават, но во пракса не дојде до промени.
извор: alsat.mk