Пред неколку месеци советот на Град Скопје усвои одлука со која тарифите на такси превозот во Скопје ќе се менуваат, односно поскапуваат или поевтинуваат, во зависност од цената на горивата кои во моментот се на сила. Поради тоа, доколку продолжи поскапувањето на нафтените деривати, таксистите во Скопје стартот ќе го покачат на 60 денари, а за секој километар ќе наплаќаат по 35 денари.
Граѓаните со кои контактираа од Алсат велат дека поради високите цени користат различни алтернативи за превоз.
„Видете, јас порано работев како таксист, ова време ниту за таксистите не е добро, затоа што поскапеа дериватите, не се исплаќа да работиш по евтини цени. Во времето кога јас работев таксито беше исто. Тогаш беше 25 денари за еден километар, сега е 50“…
„Поскапо ми се чини, пензионер сум, имам бесплатен јавен превоз. Таксито за мене е скапо затоа што сум пензионер, иако имам релативно добра пензија“, реагираат граѓаните.
Пред извесно време Советот на Град Скопје донесе одлука сè додека цените на дериватите не надминат 119,5 денари, таксистите стартот треба да го наплаќаат по 50 денари, а секој километар 35. Во моментот кога цената на нафтата ќе достигне 120 денари, што со сегашниот тренд на поскапување не е далеку, паралелно ќе се зголемат и цените на возењето со такси.
Во Скопје во моментов според издадените лиценци има 1.928 таксисти. Но, на улиците има повеќе превозници ако се бројат и дивите таксисти.