Во Германија, една од најбогатите земји во светот - секој шести граѓанин е на работ на сиромаштија. Кој сѐ се смета за сиромашен во Германија и колку пари се потребни за да се преживее и живее во оваа земја?
Бездомници кои спијат на улица, мајки кои се одрекуваат од оброците за да има повеќе за децата, пензионери кои во контејнери бараат пластични шишиња. Иако Германија со своите 83 милиони жители е една од најбогатите земји во светот, 13,8 милиони луѓе во земјата се на работ на сиромаштија или живеат во немаштија. Ова се податоците од актуелниот извештај кој еднаш годишно го објавува германската агенција за доброволни носители на социјална и на медицинска нега. А, германската влада во својот извештај констатира дека сѐ поголем е јазот меѓу богатите и сиромашните.
Германија се дефинира како социјална држава. Кој не може да најде работа или не е во состојба да работи, а нема приходи, добива основна социјална помош. Се добиваат пари за животни трошоци, а трошоците за кирија, греење, вода и здравствено осигурување ги презема државата. Во 2020 година во Германија така живееле 5,3 милиони луѓе.
Самохран родител на едно дете добива 449 евра месечно. За тие пари мораат да се платат животни намирници, облека, средства за одржување хигиена, интернет, телефон и струја, како и сите останати трошоци во домаќинството. Ако двајца сиромашни живеат во заедница тогаш добиваат по 404 евра. Но, за секое дете во зависност од возраста се плаќа меѓу 285 и 376 евра.
Повеќе на темата прочитајте на Дојче Веле