90-годишната Мерси Багс од Англија скокна со падобран од авион неколку дена пред нејзиниот роденден и стана меѓу најстарите луѓе во светот што скокале со падобран. Таа првпат скокнала од авион на 77 години и вели дека ако биде жива, ќе скока и трет пат на 95. роденден, пишуваат британските медиуми.
Мерси вели дека годините се само број и не треба да ве спречат да го правите тоа што го сакате.
„Сите ми велат дека не сум како другите баби, дека сум луда, па дури и ме прашуваат кога ќе почнам да се однесувам ако возрасна личност. А, јас им велам: Никогаш. Уживам во животот. Секое утро се будам и си мислам: Фала богу што имам уште еден ден. Треба да запомните дека живеете само еднаш, а многу луѓе ги одложуваат работите што сакаат да ги направат“, вели таа.
Мерси вели дека ѝ е жал за луѓето кои никогаш не ги прават работите што сакаат, а потоа во староста жалат за пропуштените прилики.
„Ги жалам луѓето кои влеат: Посакувам да го направев тоа. Само направете го! Имате еден живот, тоа е тоа. Во животот има работи што не може да ги игнорирате, но секогаш кога ќе добијам можност да направам нешто лудо, го правам“, рекла таа.
Животот на Мерси бил исполнет со тешки мигови кои имале влијание врз неа.
Кога имала седум години, таа била евакуирана од домот на родителите поради Втората светска војна и однесена да живее со друго семејство во друг крај на Англија. Успеала да се врати дома во 1945 година, а на 16 години го напуштила училиштето. На 19 години станала дел од полицискиот оддел одговорен за безбедноста на железниците и патиштата низ Англија. На ова работно место се соочувала со секакви луѓе и многу предизвици.
„Порано имаше повеќе почит за полицајците, но кога некој ќе ме удреше, не се однесував како дама и му враќав“, вели таа.
На 22 години, Мерси почнала да им помага на децата со аутизам и Аспергеров синдром и целосно се посветила на општествената работа. Во 2007 година ѝ откриле тумори на ’рбетот кои, иако ѝ биле отстранети, ѝ предизвикале проблеми со одењето.
„Кога сте постари, трпнењето во нозете е нормално. Но јас постојано се сопнував. Лекарот нареди да ми направат снимка и открија дека имам два големи тумори на ’рбетот. Ми кажаа дека ако не ме оперираат брзо, ќе останам парализирана“.
Токму овој здравствен проблем ја натерал Мерси да сфати дека животот е краток, па на 77 години првпат скокнала од авион. Неодамна, кратко пред да го прослави 90. роденден, Мерси скокнала пак. И во двата случаја се консултирала со лекарите, кои ѝ дале дозвола за овој подвиг.
„Многу читав за луѓе кои скокале од авион и кога почнав да разговарам со семејството за тоа, сфатив дека сум подготвена. Кога се отвори вратата и седев на работ од авионот, само си помислив: Боже. Скокнавме и чувството беше возбудливо. Ако имам среќа да доживеам 95 години, ќе скокнам уште еднаш“.
Мерси вели и дека ја споделува нејзината приказна за да ги натера другите повозрасни луѓе да сфатат дека не се стари за да имаат луди авантури.
„Возраста е само број. Имав 59 години во недела, во понеделник имав 90. Уште сум истата личност. Возраста не треба да ве ограничува за ништо. Мора да верувате во себе. Луѓето ќе ви велат дека сте луди ако правите нешто. Но, не сте. Вие го правите тоа бидејќи сакате. Имате можност да направите што сакате. Дури и ако мислите дека нема да ви се допаѓа, барем пробајте“.