Автопатиштата може да се користат и за производство на електрична енергија со помош на соларни панели. Во Германија годинава ќе започне имплементација на пилот-проект во чии рамки една делница од автопатот ќе биде покриена со фотоволтаични модули.
Според планираното, темелите за изградба ќе бидат поставени пред крајот на годинава. Германската компанија „Аутобан гмбх“ објави дека челичната конструкција, која вклучува фотоволтаични елементи, треба да биде поставена во првиот и вториот квартал на 2023 година.
Првиот сегмент, со димензии 10 на 17 метри, ќе се подигне на околу 5,5 метри над коловозот. Структурата ќе биде изградена на дел од патот и просторот за одмор во близината на градот Зинген во сојузната покраина Баден-Виртемберг.
Пилот-проектот ќе се испитува повеќе од една година, при што ќе се вршат различни мерења и истражувања, а потоа ќе се анализираат можностите за континуирана работа на вакви специјални објекти.
Слично размислуваат и во Швајцарија, каде што Владата размислува кои делови од автопатот се погодни за покривање со соларни панели. Теоретски, прифатливи се сите правци што не минуваат низ тунели.
Звучните бариери покрај автопатот исто така може да бидат опремени со панели. Порталот „Хак“ пишува дека само потенцијалот на овие бариери изнесува околу 55 гигават-часа електрична енергија годишно, што би било околу 0,05 отсто од вкупната потрошувачка на електрична енергија во Швајцарија.