Производителите на прехранбени производи од декември ќе ги намалат цените за најмалку 10 отсто. Во следниов период ќе започнат пресметките на компаниите, но освен скапата струја бизнисмените велат дека има и други трошоци кои моменталната цена на храната ја направија така висока. Сепак стопанствениците се надеваат дека надолна корекција на цената ќе има.
„Колку тоа ќе биде во можност, секако дека сите се надеваме да се случи, меѓутоа, тука да не заборавиме дека цените на суровините и нивното движење се многу битен фактор, но да кажеме дека сите се надеваме дека така ќе биде. Компаниите во прехранбениот сектор се благодарни за оваа поддршка и помош и ќе кажам дека и останатите компании го очекуваат истото од државата“, рече Јелисавета Георгиева Јовевска, потпретседателка на Стопанска комора.
Од Стопанската комора за Алсат сметаат дека владата треба да промени една одлука. Според нивните информации, мерката за евтина струја ќе важи за живинарската индустрија, но не и за останатите компании кои преработуваат или одгледуваат друг вид на стока како свињи или говеда. Власта пак уверува дека помош ќе добијат сите на кои им е потребно.
„За сите најранливи категории на граѓани, за сите компании во индустријата се со цел да ја задржиме нивната ликвидност а особено за најсуштинските индустрии кои не снабдуваат со основни прехранбени производи, затоа кажав храна и струја за сите во државата мора да има“, рече премиерот Ковачевски.
Владата викендов донесе одлука производителите на брашно, леб, зејтин, месо и месни производи, јајца, млеко и млечни производи да добиваат електрична енергија која ќе чини 80 евра за мегават час. Мерката ќе важи од први декември и ова ќе претставува намалување на трошоците за струја за повеќе од двојно. Но, за подрастично поевтинување на цената на храната бизнис секторот апелера да се реагира во стоковите резерви и да се понудат нови евтини кредити за набавка на суровини кои се сериозно поскапени.