Лондон доби ново електрично возило чија батерија се полни за десет минути. Градските власти најавија дека ова е во согласност со зелените планови, Transport for London (TfL) со кои е обврза да го замени целиот постоечки автобуски возен парк со електрични автобуси до 2034 година. Тие најавија дека ќе се обидат да ја постигнат оваа цел уште порано, до 2030 година.
Во моментов има околу 850 електрични автобуси на патиштата во британската метропола, а од следната година на релацијата 358 ќе почне да вози и автобус со футуристички дизајн. Автобусите ќе сообраќаат на релација Кристал Палас и Орпингтон и ќе ги полнат батериите на постојките, и тоа само за 10 минути. Кога автобусот ќе пристигне на постојката, ќе се поврзе со специјален систем за брзо полнење, а додека да дојде време за повторно заминување, батеријата ќе биде полна.
Шпанската компанија Иризар, која ги произведува автобусите, ги опишува како возила кои се дизајнирани како трамваи според изгледот и внатрешна конфигурација, но имаат флексибилност на градски автобуси. Достапни се во верзии од 12 до 18 метри со максимален капацитет од 155 патници. По лондонските патишта ќе вози 12-метарска верзија со автономија до 350 километри, која собира до 105 патници.
Патниците имаат пристап и до USB полначи за мобилни телефони и таблет уреди, WiFi мрежа, копчиња погодни за слепи и слабовидни лица и прегради за багаж. TfL вели дека оваа комбинација на трамвај и електричен автобус на рутата 358 е само пилот проект, кој доколку биде успешен, ќе се прошири и на другите линии на јавниот превоз во Лондон.
извор: info.mk