„Google“, веќе традиционално, продолжува да ги гаси своите услуги, а сега на ред е апликацијата „Street View“.
„Street View“ е лесен начин да се добие приказ од 360° на речиси секоја улица на планетата, што го прави совршена алатка за добивање на ран впечаток за вашата следна дестинација за патување или едноставно истражување на светот од удобноста на вашиот дом.
Иако апликацијата „Google Maps“ одамна нуди користење на функцијата „Street View“, на корисниците им беше достапна и посебна апликација „Street View“ за уреди со „Android“ и „iOS“.
Оваа самостојна апликација се грижеше за две различни групи луѓе - оние кои сакаа детален уличен приказ и оние кои сакаа да придонесат со свои снимки од 360°.
Со оглед на тоа што попопуларната апликација „ Google Maps “ поддржува „ Street View “ и дека „ Google “ нуди веб-апликација „Street View Studio“, навистина не би требало да биде изненадување кога дознаваме дека самостојната апликација се исклучува, иако е преземена преку милијарди пати преку „Google Play Store“.
„Google“ официјално се уште го нема објавено ова.
Во најновото ажурирање, компанијата подготвила неколку известувања за исклучување, кои беа забележани од експерти кои ги анализираат новите изданија на апликации. Известувањата ги поттикнуваат корисниците да се префрлат на „Maps“ и наведуваат дека самостојната апликација ќе се исклучи на 31 март 2023 година, пишува „SmartLife“.
Иако корисниците нема да изгубат премногу функционалност поради оваа одлука, исклучувањето на апликацијата ќе значи и крај на функцијата „Photo Paths“ која беше воведена минатата година.
Функцијата „Photo Paths“ беше замислена како начин да им се овозможи на речиси секој со паметен телефон да прикачи едноставни дводимензионални фотографии од улици или патеки кои компанијата сè уште не ги документирала.