На Светското првенство во Катар фудбалската правда ќе ја делат 36 судии, 69 помошници и 24 ВАР судии. За прв пат во 92-годишната историја на светските првенства, на списокот има и шест жени - три главни судијки и три помошни судијки.
Честа да бидат главни судијки на најголемото фудбалско шоу во светот ќе ја имаат Французинката Стефани Фрапар, Руанѓанката Салима Мукансанга и Јапонката Јошими Јамашита, а како помошни судијки ќе бидат Бразилката Неуза Бак, Мексиканката Карен Дијас Медина и Американката Кетрин Несбит.
„Со ова се заокружува процесот што го започнавме пред неколку години со воведување на женски судии на машките натпревари, прво кај јуниорите, а потоа и кај сениорите. Сите тие си го заслужија своето место на Светското првенство бидејќи секогаш судат на високо ниво. Како и секогаш, нашата селекција на судиите се заснова пред сè на квалитетот“, изјави неодамна претседателот на судиската комисија на ФИФА, Пјерлуиџи Колина.
Аргентина, Бразил, Англија и Франција ќе имаат по двајца претставници меѓу судиите. Аргентинскиот судија Нестор Питана, кој пред четири години го судеше финалето меѓу Франција и Хрватска, не е меѓу судиите кои ќе делат правда во Катар.
Извор: kajgana.com