Од вкупниот број предупредувања 29% се однесуваат на детски производи
Според извештајот објавен од Европската комисија за Системот за брзо предупредување од опасни производи (РАПЕКС), играчките и понатаму се наоѓаат на првото место. Во последниве месеци акцентот е ставен на таканаречените "лигавци" и спинери.
Станува збор за производи кои во себе содржат опасни хемикалии и се високо ризични по здравјето на децата. Проблемот со овие производи е што истите не поминуваат низ никакви контроли, а децата често ги нарачуваат преку интернет и по многу ниски цени.
Лигавците настануваат со употреба на опасни хемикалии и во себе содржат големи количини на хемикалијата боракс. Во големи дози бораксот може да предизвика диареја, повраќање, кожни иритации и грчеви, наведуваат од Европската комисија.
Неодамна во едно независно истражување биле тестирани 11 различни верзии на лигавец.
Во 8 од нив е пронајдено превисоко ниво на боракс, односно 300 мг/кг над дозволената граница на безбедност во ЕУ. Оваа хемикалија се користи со цел играчката да биде леплива.
Најголемиот дел од опасните производи доаѓаат надвор од ЕУ. Кина се наоѓа на првото место поради фактот дека повеќето кинески играчки содржат токсични бои и олово. Родителите треба да бидат внимателни и редовно да проверуваат дали кутиите ја содржат ознаката CE, ознака која покажува дека е помината контролата на ЕУ.