Услугите за добивање одредени податоци се поскапени за 100, 200, па и за 500 отсто, на товар на геодетските друштва, нотарите, адвокатите и граѓаните кои користат катастарски услуги. Доколку во наредните две недели не им бидат понудени решенија со рокови за исполнување на барањата, најавуваат радикализација на делувањето на Комората, во која членуваат 140 геодетски друштва.
Досега за добивање на податоците кои се потребни за подготовка на геодетски елаборат се плаќало 750 денари, а со зголемувањето износот ќе биде 1.552, односно за повеќе од 100 отсто.
Најголемото зголемување на цената е за купување на податок за координати на геодетска точка, што досега чинеше 67 денари, а сега е 409 денари. Ова дотолку повеќе што условите налагаат дека овој податок речиси и да не се употребува, а мора да биде купен при изработка на секој елаборат.
Како голем проблем што директно се одразува на работењето на геодетските друштва е и тоа што многу често електронските системи на АКН се надвор од функција, иако компаниите имаат договори за непречено користење на електронските системи на Агенцијата и за истото редовно плаќаат. Со ова, приватните компании се спречени да ги извршуваат своите секојдневни работни задачи.
Комората и забележува на АКН и за тоа што одбива да вклучи тимови од геодетската фела при Комората во работните групи за подготовка на нови законски решенија.
извор: kanal5.com.mk