Ја нашле на улица, сега е рекордер: Ова е официјално најстарата мачка во светот
Мачката Флоси, која има речиси 27 години, што е аналогно на 120 години човечки живот, официјално е запишана во Гинисовата книга на рекорди како најстарата жива мачка во светот.
Британската црно-кафена мачка тоа признание го доби денеска кога има точно 26 години и 329 дена, се наведува во соопштението. Иако е со оштетен вид и глува, сепак е во добра здравствена состојба, пренесува CNN.
„Од почетокот знаев дека Флоси е посебна мачка, но не ни помислував дека ќе го делам домот со светски рекордер“, вели нејзината сопственичка Вики Грин.
Грин вели дека мачката е многу приврзана за неа и сака да игра.
Најстарата мачка на светот по име Крим Пуф, доживеа 38 години и три дена. Таа почина во 2005 година.