ТАВ Македонија, заедно со домашниот тур-оператор за дојдовен туризам Balkan Prime Tours, во изминатите три дена беа домаќини на влијателен шпански блогер и претставници на седум реномирани туристички агенции од Шпанија. Целта на оваа иницијатива е да се креира интерес за Македонија како туристичка дестинација кај шпанските патници, со што ќе се поттикнат авиокомпаниите да воведат директни авиолинии меѓу двете земји.
„Како аеродромски оператор ние секогаш ги слушаме барањата на патниците. Многумина од нив посакуваат авиолинии од Скопје до Барселона и Мадрид, како и до други атрактивни дестинации во Шпанија. Затоа, како дел од маркетинг-стратегијата и како дел од промотивните активности на ТАВ Македонија, заедно со македонскиот тур-оператор Balkan Prime Tours, ги поканивме најистакнатите туристички агенции од Шпанија, заедно со влијателен туристички блогер, за да ја запознаат Македонија и нејзиниот огромен туристички потенцијал како нова дестинација за шпанските патници. Веќе имаме интерес од Македонците да патуваат во Шпанија, па сфативме дека треба да создадеме интерес и кај шпанските патници за на тој начин да ги поттикнеме авиокомпаниите да воспостават директни авиолинии меѓу двете земји. Истовремено, работиме и на привлекување на авиокомпании кои би почнале да летаат и од скопскиот и од охридскиот аеродром до целни и атрактивни дестинации за одмор во Шпанија”, изјави генералниот директор на ТАВ Македонија.
Поддржани од матичната компанија, ТАВ Аеродроми, македонскиот аеродромски оператор присуствува на најзначајните туристички и воздухопловни саеми на светско ниво, иницира средби и преговори со различни авиокомпании, со една главна цел – зголемување на бројот на дестинации и бројот на патници на двата аеродрома во Скопје и во Охрид. Во рамки на маркетинг-активностите, ТАВ Македонија не ги промовира само македонските аеродроми, туку и Македонија како неоткриена туристичка дестинација.
ТАВ Македонија го заокружи периодот од јануари до октомври 2022 година со 2 милиона (2.031.562) патници кои патувале преку двата македонски аеродрома, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле–Охрид. Ова претставува -11% споредено со истиот период во 2019, година што се смета за референтна во авијацијата, или периодот пред пандемијата со Ковид-19. Споредено со истиот период – јануари-октомври 2021 година, бројот на патници на скопскиот и охридскиот аеродром закрепнува, односно од јануари до октомври е зголемен за 78%.