Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) објави повик за прием на нови членови во секциите режија, продукција, камера, сценографија, костимографија и шминка, тон и монтажа и анимиран филм.
„Кандидати за членови на ДФРМ можат да бидат младите, идни филмски работници по завршувањето на школувањето во соодветните училишта и факултети, како и лицата кои ќе се докажат низ своите филмски дела“, стои во повикот.
Од Друштвото информираат дека годинава за прв пат се отвора и секција за сценаристи, па сите млади ентузијасти може да аплицираат и како кандидати за членови во оваа секција.
Заинтересираните кандидати своја кратка биографија можат да испратат до крајот на 2022 година, на е-адресата: contact@dfrm.org.mk, a повеќе информации за критериумите за прием на нови членови може да се најдат тука.
Друштвото на филмските работници на Република Македонија е здружение на граѓани, основано на 21 мај 1950 година. Здружението се состои од филмски работници од Македонија и има својство на правно лице. Основните цели на Друштвото се остварување и заштита на правата и интересите на македонските филмски професионалци кои делуваат на територијата на Македонија и во странство. Друштвото е иницијатор, основач и организатор на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Покрај тоа, ДФРМ е иницијатор, основач и организатор и на филмската ревија „Златна рамка“ која претставува увид и приказ на реализираните македонски филмови во една календарска година финансирани од буџетот на РСМ.