На локалитетот „Косто бачило“, во Националниот парк „Галичица“, на површина од околу 90 хектари се наоѓа репродуктивниот центар за европски елен. Во моментот таму живеат 100-тина единки, а дел од стадото деновиве ќе биде пуштено надвор од оградениот простор, сами да продолжат во природата. Ќе претставуваат атракција за љубителите на планината и ќе привлечат поголем број посетители во НП „Галичица“.
Две ипол метарската жичена ограда ги штити од дивиот и за нив суров свет. Тоа го покажуваат и честите посети на волци околу оградата, а имало и случај кога мечка ја срушила заштитната ограда во обид да влезе во стадото.
Склад за храна, хранилки, голема локва, односно поилиште за вода се дел од сликата меѓу разиграното стадо. Поголемиот дел се подготвени сами да егзистираат во дивината, но во стадото има и мали, кои ќе продолжат да растат во хумани услови и човечка грижа.
Репродуктивниот центар елените ќе го заменат со предизвикот на дивината
Иако во моментот живеат во природна средина, сепак вработени во јавната установа НП „Галичица“ се грижат за нив, за потребите од храна, вода, но и за нивното здравје. Токму поради тоа, како што информира Бојаџи за МИА, на два елени ќе им бидат поставени џи-пи-ес уреди со кои ќе бидат следени каде се движат и како се однесуваат во природната средина. Шест единки пак, ќе бидат подарени на заштитениот предел Осоговски Планини за подобрување на генетскиот фонд на популацијата на европски елен во осоговието.
Репродиуктивниот центар е изграден во 2018/2019 година со цел реинтродукција на европскиот елен и правилно управување со високопланинските пасишта во Националниот парк со помош на дива фауна.
Во 2019 година во центарот донесени се 30 единки, од кои 24 женки и шест мажјаци. Изминатите три години имало принова од елените и сега стадото во репродуктивниот центар брои околу 100 единки. Деновиве се очекува да бидат пуштени 60-тина, а другите ќе останат во центарот уште неколку години со континуирано ослободување од заградениот простор. Заштитничкиот простор од центарот ќе го напуштат соочувајќи се со предизвиците од дивината, пред се поради податокот за зголемувањето на бројот на волци на Галичица.
Поради сознанието дека Галичица е сува планина постои опасност од спуштање на елените по вода дури и до езерото со што може да се доведе во прашање нивното егзистенцијално преживување, но и да предизвикаат проблем во сообраќајот при преминување на патот.
– Заради недостигот на вода во тек е проект преку кој се обезбедени две пумпни станици со кои ќе се обезбеди доволно количество вода за полнење на 18-те локви, кои се наоѓаат на повисоките делови на Галичица со што ќе се намали веројатноста елените да се спуштат на пониска надморска височина, додава Здравески.
Очекувањата се дека за десетина години, природната популација на европски елен во Националниот парк ќе стане самоодржлива и способна да обезбеди активно управување барем на дел од високопланинските пасишта и спречување на процесот на сукцесија.
Елените не се за лов, туку за управување со високопланинските пасишта
Елените не се пуштаат за ловни активности, туку само за управување со високопланинските пасишта, кои поради намален обем на сточарството во изминатите години се пораснати, а нивната биомаса е значително зголемена што претставува опасност од пожари на отворено
Драстичното опаѓање на интересот за сточарство и изостанокот на користење на високопланинските пасишта, додава Бојаџи, предизвика процес на сукцесија.
Дополнително, зголеменото присуство на елени во природата на паркот и можноста да се набљудуваат во дивина значително ќе ја зголеми атрактивноста и ќе го зголеми бројот на посетители. Со тоа од Националниот парк „Галичица“ сметаат дека ќе придонесат кон зголемувањето на свеста за потребата од заштита на природното наследство кое го поседуваме.