Новата цена на струјата ќе се крои допрва. Засега сигурен е растот од 5% од ДДВ-то. Следната недела Владата треба да ги добие пресметките на сите учесници, па потоа ќе се дебатира за колку ќе поскапи електричната енергија.
„Сега се прави план сите блокови како ќе работат во текот на следната година. Се анализира хидрологијата. Ќе се направи план колку ЕСМ наредната година може да произведе. Колку може да произведе ТЕЦ Неготино и останатите расположливи капацитети за да се види во колкав дел ќе се задоволат барањата на пазарот. Целта е домаќинствата и малите потрошувачи повторно да си ја добиваат истата количина на енергија, по одредена цена“ – Виктор Андонов, советник за енергетика
ЕСМ и натаму продолжува со купување струја. За периодот од 12 до 18 декември, извршена е набавка на околу 6 илјади мегават часа, за што ќе треба да се платат 2 и пол милиони евра.
Пресметките за увозот од почетокот на оваа сезона, пак, покажуваат дека од 7 ноември до 18 декември сме платиле 40 милиони евра.
извор: sitel.com.mk