Групата за права на животните „Пета“ објави дека покренала правна постапка против британското Министерство за одбрана поради одбивањето да ги замени познатите шапки што ги носат членовите на Кралската гарда со вештачко крзно.
Познати уште како „Bearskins“ ги носат членовите на воената гарда пред Бакингемската палата и тие станаа еден од познатите симболи на Велика Британија.
Пета веќе подолго време се залага дека капите од црно канадско мечкино крзно треба да се заменат со вештачко крзно на француската компанија Екопел.
Министерството за одбрана „одбива да експериментира со тоа“ (вештачко крзно), додека во последниве години неколкупати вети дека ќе го стори тоа, рекоа претставниците на Пета.
Министерството, од своја страна, потврди дека Пета покренала правна постапка, но одби да го коментира случајот.
Британската влада пред неколку месеци објави дека не планира да ги замени капите од мечкина кожа, бидејќи смета дека предлогот на Пета не ги исполнува потребните критериуми.
Пета апелираше и до кралот Чарлс III бидејќи е застапник за заштита на природата, но досега не добил одговор.